Македонија

Петровска го крши Законот за одбрана и ги изложува мисиите, а со тоа и припадниците на АРМ на дополнителен ризик, вели Ковачки

Помина цел месец откако јавно обелоденивме дека Министерката за одбрана давала плата на лица со трајна или времена ограниченост за воен рок, дека за заминување на мисија се дава мито, дека на лица кои не ги исполнуваат условите и критеримите Министерката им засновала работен однос во МО како подофицери и сега истите треба да им бидат претпоставени на лица кои ГИ исполнувале условите, ама ним работниот однос им останал под договор, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ

„Значи, јавно посочивме криминал и корупција во редовите на МО и директно посочивме дека имаме сериозни сомнежи, но и докази кои и’ беа отстапени на Министерката за одбрана, но досега не видовме никакви преземени активности од страна на надлежните институции.
Случаите беа чисти и требаше веднаш да се постапи.
Но, наместо со сериозност да се пристапеше кон изнесените факти, Министерката за одбрана си продолжи со вродениот СДС-овски инает и продолжи да ги крши законите, да ги омаловажува офицерите и подофицерите и да стимулира корупција во редовите на МО.
Само за пример, на мисии во странство кои ги плаќаат граѓаните, наместо истата да се корегираше после изнесените факти од наша страна, министерката не реагираше и во мисии си испратила лица:
– подофицери на војнички места,
– котлари на место стрелци,
– експерти за муниција на место болничари.
Значи, ја надмина дури и претходната Министерка која пак упатуваше лица без дообука за теренски возила на место возачи.
Ваков аматеризам со упад во формациските состави на единиците од страна на цивили кои не разбираат што значи војничка хиерархија и потреба од секоја специјалност токму така како што е пропишано, немам видено.
Министерке Славјанка Петровска, има причина зошто во една единица имате командир, заменик, стрелци, снајперисти, болничари итн.
Тоа што го правеа и се’ уште го прават кадрите на СДС и ДУИ не може да се оправда и заслужува осуда од плаќачите на даноци – граѓаните на Македонија.
Еве недај Боже да затреба болничар на единицата, кој ќе ја врши таа улога, муницијашот ли?
Колку пати треба ова да повториме за да насадените од СДС сфатат дека војската не смее да биде ничија играчка, затоа што си играат со човечки животи?
Славјанка Петровска со нејзините постапки го крши Законот за одбрана и ги изложува мисиите, а со тоа и припадниците на АРМ на дополнителен ризик.
Од кои причини, самата треба да и’ објасни на македонската јавност“, се вели во соопштението.

На почеток