Унгарија има цел да ја сведе инфлацијата на едноцифрен број


Унгарската влада има за цел да избегне рецесија следната година и сака да ја сведе инфлацијата на едноцифрена до крајот на 2023 година, изјави премиерот Виктор Орбан.
„Најважно е да се остане надвор од војна, да се избегне европска рецесија, унгарската економија да расте следната година… и годишната инфлација да биде едноцифрена на крајот на 2023 година“, рече Орбан на прес конференција, според Ројтерс.
Унгарскиот премиер рече дека неговата влада, која го освои четвртиот последователен мандат во април 2022 година, ќе го задржи постоечкиот систем за ограничување на цените на електричната енергија за домаќинствата следната година, иако вкупните трошоци за енергија во земјата, поради зголемените цени, скокнаа од 7,0 милијарди евра во 2021 на 17 милијарди евра оваа година.
Тој, исто така, најави дека владата ќе ги финализира договорите за финансирање со Европската унија во наредните денови, откако постигна договор на почетокот на овој месец за ослободување на замрзнатите средства од европските фондови доколку Будимпешта ги исполни условите договорени со Брисел во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Орбан додаде дека Унгарија не е покорумпирана од другите европски земји.
Според Ројтерс, унгарскиот лидер се соочува со најголемите предизвици откако дојде на власт во 2010 година, бидејќи економскиот раст забавува, каматните стапки на унгарската централна банка се највисоки во ЕУ, а се предвидува дека инфлацијата ќе достигне околу 26- 27 проценти на годишно ниво во наредните месеци.
Орбан, исто така, најави дека неговата влада ќе одобри даночни олеснувања за жените доколку одлучат да имаат деца до 30-годишна возраст, продолжувајќи ги претходно воведените даночни олеснувања за младите до 25-годишна возраст.
