Актуелно

Амазон планира да отпушти над 18.000 работници

Американскиот гигант за онлајн трговија Амазон планира да отпушти повеќе од 18.000 работници, потврди извршниот директор Енди Џеси.

Откако веста за отпуштањата протече во јавноста, Џеси ги потврди шпекулациите во објава на веб-страницата на Амазон, велејќи дека разговорите со погодените работници ќе започнат на 18 јануари и дека ќе им бидат понудени отпремнини, како и поддршка за барање друга работа.

Најпогодени од отпуштањата ќе бидат одделите за интернет продажба (Amazon Stores) и одделенијата за управување со човечки ресурси, рече тој.

Компанијата со седиште во Сиетл почна да отпушта работници од одделот за апарати во ноември, а извор изјавил за Ројтерс во тоа време дека имала за цел 10.000 отпуштања, пренесува Хина.

Амазон вработува повеќе од 1,5 милиони работници на глобално ниво, е втор по големина приватен работодавач во САД и се подготвува за веројатно забавување на растот на бизнисот бидејќи зголемената инфлација ги принудува бизнисите и потрошувачите да ги намалат трошоците.

Според најавата, Амазон ќе укине повеќе работни места од другите големи компании, што ќе претставува брз пресврт за компанијата, која во изминатите месеци ја удвои горната граница на основната плата со цел подобро да се натпреварува за таленти. Имено, во пресрет на очекуваната рецесија и поради послабите деловни резултати, уште во претходните месеци отпуштања се најавени од Мета, под чија капа е Фејсбук, која соопшти дека ќе отпушти повеќе од 11.000 работници, Мајкрософт најави дека ќе отпушти околу илјада, а масовните отпуштања веќе почнаа и на социјалната платформа Твитер.

На почеток