Зеленски призна: „Исклучително е тешко, земјата е под трупови“
Претседателот на Украина, Володими Зеленски, изјави дека руските сили ги насочиле своите најголеми напори на Соледар.
Зеленски додаде дека резултатот од таа тешка и долготрајна битка сепак ќе биде ослободување на целиот Донбас.
Во видео обраќање, Зеленски им се заблагодари на сите украински војници кои го бранат Бахмут и на оние кои се спротивставуваат на новите и уште посилни напади на руските сили во Соледар, пренесува Униан.
„Исклучително е тешко – таму речиси и да нема цели ѕидови… Благодарение на непоколебливоста на нашите војници таму, во Соледар, освоивме дополнително време и дополнителни сили за Украина“, рече Зеленски. Според него, во Соледар се е целосно уништено, речиси и да нема живот.
Зеленски тврди дека руските сили изгубиле илјадници луѓе кај Соледар и дека, како што наведе, „целото тло кај Соледар е покриено со трупови“ на руските сили.
„Вака изгледа лудилото“, изјави украинскиот претседател. Заменик-министерот за одбрана на Украина, Хана Маљар, вчера изјави дека Русија повторно жестоко ги напаѓа Соледар и Бахмут.
„По неуспешниот обид да се заземе Соледар и да се повлече, непријателот ги прегрупира силите, ги надополни единиците, ангажираше нови сили, ја смени тактиката и жестоко нападна“, напиша Маљар на Телеграм.
Таа додаде дека во нападот на Соледар биле ангажирани најдобрите резерви на групата Вагнер, пренесува Гардијан.