Актуелно

Врховниот суд на Бразил нареди апсење на шефот на бразилската јавна безбедност

Врховниот суд на Бразил нареди апсење на шефот на бразилската јавна безбедност откако приврзаниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во владините згради.

Судот нареди и апсење на Андерсон Торес, кој беше министер за правда на Болсонаро пред да ја преземе функцијата шеф на јавната безбедност во Бразилија овој месец, каде илјадници демонстранти упаднаа во Врховниот суд, Конгресот и претседателските канцеларии во неделата, пренесува Ројтерс.

Торес, кој беше сменет од функцијата во неделата, не беше во градот кога се случија немирите, откако полета за Флорида претходно овој месец.

Во вчерашната објава на Твитер, тој рече дека ќе се врати во Бразил од Орландо, каде што беше на семеен одмор и ќе им се предаде на властите.

Судот, исто така, побара апсење на Фабио Аугусто Виеира, шеф на воената полиција на Бразилија, еден од неколкуте функционери одговорни за заштита на клучните владини згради во главниот град.

Налогот за апсење го наведува нивниот неуспех да обезбедат соодветна полициска сила, дозволувајќи им на повеќе од 100 автобуси на приврзаниците на Болсонаро да влезат во градот и неуспехот да го затворат кампот каде што се собираа со месеци.

Низ градот, полицијата вчера почна да испрашува повеќе од 1.000 демонстранти, откако тие беа приведени додека војниците го разбиле нивниот камп.

Демонстрантите во кампот повикаа на воен удар за поништување на изборите во октомври на кои левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва тесно го победи Болсонаро.

На почеток