Жителите на охридското село Куратица по 21 пат празникот на селото Свети Василиј Велики ќе го одбележат со голем карневал под маски. Карневалската програма започна синоќа со поаѓањето на Василичарската поворка, во чии рамки курајчките василичари ги посетуваат сите домаќинства во селото. Манифестацијата продолжува денеска, а во попладневните часови ќе биде поделена традиционалната храна варејнца како и пијалок за постарите лица кои не се во можност да учествуваат на завршната церемонија. Самиот карневал под маски почнува во 18 часот, а дефилето на маските ќе биде проследено со пригодна музичка програма.
Карневалот во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот, вевчанскиот и прилепскиот. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.