Во Собранието денеска ќе одржат две седници Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
Една од седниците е закажана поради иницијативата на Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), за нов референдум за името. Петров на крајот на миниот месец, на прес-конференција, најави дека е поднесена иницијатива за да се распише референдум со прашање ,,Дали сте за Северна Република Македонија”.
Граѓанската иницијатива е за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија.
Според досегашните активности на Тодор Петров, новиот референдум би се одржал со прашањето „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?, а одговорот на граѓаните треба да биде со ДА или НЕ. Оваа иницијатива исто така е поддржана и од движењето „Бојкотирам“. Нивните главни аргументи се дека референдумот кој се одржа на 30 септември е неуспешен бидејќи не беше исполнет предвидениот цензус. Сепак, бидејќи истиот беше консултативен не влијаеше врз правните и политичките процеси за ратификација на Договорот од Преспа, каде една од главните обврски е промена на името за севкупна употреба.