Свет

Бугарите сакаат да се врати ветото за Македонија, откако го натепаа секретарот на бугарското друштво

Бугарското МНР најави протестна нота, зборувајќи за „сериозна ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите“, а македонскиот министер Бујар Османи остро го осуди нападот и побара одговорност за „лицата што презеле физички напад поради етнички и културен идентитет на кој било државјанин на РС Македонија“

Остра осуда од македонскиот државен врв, најава за протестна нота од Софија, оценка дека „во Македонија ќе се убиваат Бугари“ и барања да се врати ветото за преговорите со ЕУ, предизвика претепувањето на секретарот на клубот „Цар Борис“, охриѓанецот Христијан Пендиков. Според охридската полиција, 21-годишникот бил нападнат од тројца охриѓани, С.К., С.К. и И.С., во угостителски објект на кејот, а потоа и надвор од објектот. Тешки телесни повреди му се констатирани во Општата болница во Охрид.

Според бугарските медиуми, нападот бил политички и етнички мотивиран, а на нападнатиот му се обраќале со зборовите „мрсен Бугарин“. Порталот сдк.мк, пак, објави дека нападот нема политичка заднина, туку станува збор за лични меѓусебни нерасчистени сметки.

Остра осуда од Скопје, протестна нота од Софија?

Бугарското МНР вчера најави протестна нота, зборувајќи за „сериозна ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите“, а македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи остро го осуди нападот и побара институциите да обезбедат одговорност за „лицата што презеле физички напад поради етнички и културен идентитет на кој било државјанин на РС Македонија“.

– Јас сум во комуникација со сите институции, имав можност да разговарам и со министерот за надворешни работи на Бугарија. Ја искористам оваа пригода остро да го осудам овој напад. Најголемиот квалитет на оваа држава е демократијата, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитувањето на другиот и нема да дозволиме никој поради политички интереси или поради други проблеми да се загрози тоа што го постигнавме во сите овие децении. Ќе го посетам нападнатиот, станува збор за државјанин на РС Македонија, и во оваа држава никој, ама баш никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислење, чувство, ставови, идентитет – категоричен беше Османи.

Бугарското МНР вчера соопшти дека на македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси ќе ѝ биде врачена протестна нота во врска со „тешкото кривично дело извршено над државјанин на РС Македонија со бугарски идентитет и секретар на организацијата ‘Цар Борис Трети’ во градот Охрид“.

„Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата. Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата за последните напади, вклучително и пукањето со огнено оружје врз организацијата „Цар Борис Трети“ од крајот на 2022 година. За жал, нападот од 19 јануари е показен пример за тешките последици од системското отсуство на адекватен одговор и посветеност од страна на Северна Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата главна обврска, да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани,“ соопшти бугарското МНР.

Оттаму додаваат и дека недискриминацијата, толеранцијата и еднаквоста се универзални принципи што ги врзуваат европските демократски општества, па очекуваат и нашата земја да вложи реални напори за заштита на човековите права.

„За жал, последниве месеци сме сведоци токму на спротивните трендови. Постоењето проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија, не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно, тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во ЕУ“, соопшти бугарското МНР.

Најрадикалните бугарски политичари нападот го квалификуваа како обид за убиство.

– Можноста да дојде до физичка ликвидација на Бугарите во РС Македонија е сè пореална и запрепастувачка. Што чека бугарската држава? Сите европски институции продолжуваат да замижуваат пред антибугарската кампања во Северна Македонија. А за таква Македонија нема место во ЕУ – рече вчера пратеникот и претседател на „Преродба“ Костадин Костадинов од говорницата на Народното собрание.

Претходно тој на Фејсбук објави дека Пендиков има скршена вилица, искршени заби и повреда на мозокот.

– Ќе побараме сослушување од министерот за надворешни работ. Веднаш да се информираат сите европски институции за терористичкиот акт. Не можеме само да стоиме и да го чекаме моментот кога ќе ја прочитаме и веста за убиен Бугарин во Македонија – напиша тој.

Слави Трифунов од „Има таков народ“ наведе дека „пратениците што гласаа да падне ветото се соучесници во тепањето на Христијан“.

– Уште во октомври, кога беше донесен антибугарскиот закон за здруженија, напишав дека бугарскиот парламент треба веднаш да гласа за враќање на ветото против Северна Македонија и да го крене кога Бугарите ќе бидат заштитени во нивниот Устав. Ветото беше инструмент за заштита на правата на Бугарите таму – напиша, меѓу другото, Трифонов.

И европратеникот Ангел Џамбаски на Фејсбук најави дека ќе ги алармира институциите на ЕУ.

– Брутален обид за убиство на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид! Ако случајно си свесен Бугарин, со чиста совест, треба да се плашиш за својот живот за случајно да не наидеш на гнасните кукавици што го извршија овој последователен чин на омраза – напиша Џамбаски.

СДК: Нападот над Пендиков е поради лични недоразбирања
Нападот на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид нема политичка заднина, ниту станува збор за омраза и прогон на Бугарите, објави вчера сдк.мк според сведоци на настанот, кои знаеле за претходните недоразбирања на учесниците.

– Станува збор за меѓусебно недоразбирање меѓу нив што трае подолго време. Младите во градот знаат за нивната историја. Сè почна кога влегоа тројцата во кафеаната. Нападнатото момче веднаш почна да ги пцуе, спомнуваше мајки, сестри, усти… Тука изби вербална расправија, која потоа продолжи со физичка пресметка надвор од објектот – тврдат сведоци за сдк.мк.

Османи: Засега нема да го прогласам Џамбаски за персона нон грата
На новинарско прашање дали ќе го прогласат европратеникот Ангел Џамбаски за персона нон грата поради неговите изјави за бугарска Македонија, изречени во Скопје, Османи рече – „засега не, но ако ескалира ситуацијата, ќе се преземе и тој чекор“.

– Мислам дека целта на господинот колку што е да провоцира е и да се самопромовира, за да предизвика реакција кај нас и да ја искористи таа реакција во својата политичка агенда. Тој е маргинален лик, на последните избори неговата партија не ни влезе во парламент. Бугарското општество не ги смета за важни, не можат да го добијат вниманието кое им треба, па се обидуваат на овој начин. Ние ја имавме таа дилема и овде, дали му правиме услуга, дали да влегувам во неговата приказна, да му дадам тежина и да го прогласам за персона нон грата, па тој со тоа да прави кампања. Не можам да кажам дали сме сто отсто во право, но мора да ги размислиме сите аспекти – рече Османи и додаде дека е најважно што бугарското МНР веднаш ги осуди тие изјави на Џамбаски.

На почеток