Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени погоди делови од Турција и Сирија, има загинати
Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала погоди делови од Турција и Сирија.
Германскиот центар за геолошки истражувања соопшти дека земјотресот се случил на длабочина од 10 километри во близина на јужниот турски град Кахраманмарас, додека EMSC соопшти дека ја проценува можноста за опасност од цунами.
Само во Сирија се пронајдени 42 тела, јави сириската државна новинска агенција. Се стравува дека бројот на жртви и во Турција и во Сирија би можел да биде многу поголем.
Според Американскиот сеизмолошки институт USGS, катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтер се случил во 04:17 часот по локално време.
„Сите наши тимови се во готовност. Издадовме тревога од четврто ниво… Ова е и повик за меѓународна помош“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
„Во овој момент не можеме да кажеме ништо точно за штетите и загубите на човечки животи“, рече тој, додавајќи дека има жртви и дека веќе се случиле 22 последователни потреси. Гувернерот на провинцијата Газиантеп ги повика жителите да се соберат надвор.
Сириската државна телевизија објави дека зграда во близина на Латакија, на западниот брег на Сирија, се урнала по земјотресот. Провладините медиуми објавија дека неколку згради делумно се урнале во Хама, во централна Сирија.
Цивилната заштита и сириските пожарникари работат на извлекување на жртвите од урнатините.
Турскиот претседател бил информиран за земјотресот, соопшти турското претседателство.