Бугарската полиција во шок: Пронашла 43 мигранти скриени во комбе


Бугарската полиција откри 43 мигранти, меѓу кои десет деца, скриени во комбе во западниот дел на земјата, соопштија денеска властите.
Обвинителката Наталија Николова рече дека 43-та мигранти очигледно се во добра здравствена состојба и покрај тоа што биле стиснати во тесен простор.
Николова не ја прецизираше националноста на мигрантите, пренесе АП.
Телата на 18 мигранти беа пронајдени минатата недела откако се задушиле во скриена преграда под товар дрва во напуштен камион во близина на бугарскиот главен град Софија.
Сите тие биле Авганистанци кои влегле во Бугарија од Турција, а 34 мигранти тогаш преживеале, но биле дехидрирани и премрзнати, соопштија властите.
Директорот на бугарската национална истражна служба Борислав Сарафов изјави дека во тој инцидент загинале најмногу мигранти во Бугарија.
Бугарските власти ги обвинија петтемина осомничени за убиство од небрежност, учество во криминална организација и трговија со луѓе, а доколку бидат прогласени за виновни, може да се соочат со казна затвор до 15 години.
Осомничените припаѓаат на синџир на организиран криминал кој шверцува мигранти од границата со Турција до бугарско-српската граница, а мигрантите плаќале од по 5.000 до 7.000 евра, рече Сарафов.
Наводниот организатор е во полиција во Грција, каде властите допрва треба да одлучуваат за неговата екстрадиција.
