Му пресудија на Марија Доказ М, смета дека казната е превисока


Судијката Марија Клетничка Марковска му изрече казна од три години и еден месец за пет кривични дела на Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“.
„За секое од кривичните дела од диспозитивот, односно за делото уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена – му утврдува по една година затвор. Се изрекува единствена казна од 3 години и 1 месец“, кажа судијката.
За кривичното дело злоупотреба на лични податоци, Стаменковски доби казна од 5.000 евра односно 250 дневни глоби. Доколку не ја плати, ќе добие затвор, но не подолг од шест месеци.
Според судијката, тој како сопственик на порталот, со намера да стекне противимотна корист на вработен во Царинска управа – го присилувал да му исплати пари за да не објави текст.
„Го присилил оштетениот да стори штета врз неговиот имот. Му се заканил дека ќе објави текст дека е татко на дете кое го имал вонбрачно. Побарал средба за да му изнуди пари, а обвинетиот да не го објави текстот“, кажа судијката Марија Клетничка Марковска
Таа објасни и како Стаменковски сторил дело пиратерија на аудиовизуелно дело.
„Без одобрение на дистрибутерот, ги ставил епизодите достапни за јавноста, овозможувајќи неограничено емитување на 10 епизоди на серијата ‘Тајкун’“, кажа судијката.
Стаменковски читаше какви текстови објавил Стаменковски на порталот, ширејќи расизам кон свештеници. Тој споделувал и ксенофобичен материјал за две новинарки. Читани беа насловите со кои Стаменковски атакувал врз епископ со цел, да го прикаже како тој постапувал спротивно на верските одредби.
„Преку компјутерски систем ширел ксенофобичен и расистички материјал, врз основа на религија. На порталот објавил фотографии и текст со оштетените“, кажа судијката.
Стаменковски направил и злоупотреба на лични податоци.
„Без согласност на оштетените, вработени како истражители во ОЈО-Скопје, користел нивни лични податоци“, додаде судијката.
Судењата беа зад затворени врати, оти се изведуваа делови од приватните животи на обвинетите. Судијката кажа дека биле изведени низа докази.
„Беа изведени бројни материјални и вербални докази, како на Обвинителството така и на одбраната. Беше почитувано правото на одбрана на обвинетиот. Обвинетиот даде своја одбрана која беше концепирана и во која беше посочено дека сторените дејствија не претставуваат кривично дело туку се вербален деликт – клевета и навреда, а обвинетите не барале извинување и не испратиле демант, како и дека обвинетиот не ги пишувал содржините на неговиот веб-портал туку ги преземал“, кажа Марија Клетничка Марковска.
Адвокатката Марјана Најдова-Петрезанова која е бранител на Марјан Стаменковски сопственик на порталот „ДоказМ“, по пресудата посочи дека ќе се жалат на Апелација. Смета дека казната од три години и еден месец е висока, и покрај тоа што максимумот кој е запретен за петте кривични дела за кои се гонеше Стаменковски е 14 години затвор.
„Бевте присутни и медиумите, ја слушнавте пресудата. Ова за нас не е конечна пресуда, ќе го искористиме дефинитивно законското право да вложиме жалба по однос на истата. Сметаме дека е изречена една висока казна за дела кои што во текот на целата постапка како одбрана наведувавме дека нема елементи на истите, не се исполнети законските битија.
Ќе вложиме и жалба на решението за продолжувањето на притворот, најави адвокатката.
„Навистина му е влошена здравствената состојба, истиот има добиено шеќер, влегува во група на инсулинска терапија каде што дефитинвно третманот не може да биде соодветен во условите каде се наоѓа“,
Прашана како гледа на текстовите за кои Марјан Стаменковски е осуден, адвокатката рече: „Седната сум на клупа со обвинетиот како негов бранител и адвокат. Затоа сум и таму, за професионално вршење на оваа работа. Се слушаа како искази на сведоци, така и репродуцирање на насловите. Но во однос на истите, дека постојат елементи за чисти навреди и клевети, за кои од страна на оштетените, до ден денеска не беа поднесени соодветни граѓански постапки за граѓанска одговорност“.
