Актуелно

„Го заклучија целото училиште и ни рекоа дека не смееме да излеземе“, сведоштва на ученици за моментот на пукањето

Децата кои беа сведоци на денешната трагедија во Врачар за медиумите изјавија дека наставниците слушајќи го пукањето веднаш побрзале да одат на безбедно.

Една од ученичките, која го посетува основното училиште „Владислав Рибникар“, изјавила дека прво мислела дека некој фрла петарди кон училиштето.

„Мислев дека некој фрла петарди по ходниците и не беше ништо сериозно. Но, потоа го видов обезбедувањето како падна на подот, но не затоа што пукаа во него… Потоа се спуштив долу, истрчав и им кажав на наставниците дека мислам дека пукаат. Отидовме на безбедно, но слушнавме повеќе пукање“, раскажува таа, пренесува Танјуг.

Друг ученик истакна дека наставниците веднаш ги повикале да останат безбедни и да се затворат во училниците.

„Не го слушнав пукањето, но ги видов наставниците од моето училиште како трчаат горе. Го заклучија целото училиште и ни рекоа дека не смееме да излеземе, сите да одиме во училниците. Бевме во кабинетот со поглед од терасата кон дворот на ‘Рибникар’. Ги видовме полицијата и брзата помош од прозорецот, бевме затворени во училницата“, рече таа.

Да потсетиме, во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград ученик пукал во учениците и обезбедувањето. Како што потврдија МУП, ученикот е уапсен.

Министерството за внатрешни работи на Србија во соопштение потврди дека загинале осум ученици и еден чувар, како и дека се ранети шест деца и еден наставник. Министерството за внатрешни работи ги повика родителите кои не биле во контакт со своите деца да се обратат во Полициската управа Врачар.

На почеток