Повеќе од 25 лица, повеќето деца, се повредени при уривање пешачки мост во финскиот град Еспо, недалеку од главниот град.
Една од болниците во Хелсинки соопшти дека повредени се претежно деца, кои биле дел од училишна група.
Најмалку пет лица останале да лежат на земјата и не се знае нивната состојба, според локалните медиуми.
Непозната е и состојбата на повредените деца, кои се пренесени во болниците во Хелсинки. Досега со возила на брзата помош во здравствените установи се пренесени 15 лица.
Несреќата се случила околу 9.30 часот, а мостот се срушил на коловозот и на пешачката патека.
Очевидци велат дека се слушнал страшен звук пред да се урне конструкцијата на мостот.
„Имаше нешто како завивање, а потоа и вресок“, изјави еден од очевидците.
Се посочува дека на местото на настанот бргу пристигнале екипи на итната помош, вклучително и спасувачки хеликоптер.
Според неофицијални информации, последните недели се работи на уривање станбена зграда во близина на мостот. Не се знае дали тоа некако придонело за уривање на конструкцијата на пешачкиот мост.