„Нема потреба да ја толкувам, неговата порака е јасна и важна“, вели Агелер за изјавата на сенаторот Марфи
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, денеска од Кавадарци на отворениот ден организиран во рамките на вежбата „Брз одговор 23“ не сакаше да даде свој коментар за ставот на сенаторот Крис Марфи, кој пред два дена од Скопје порача да се усвојат уставните измени, во спротивно неизгласувањето би претставувало загрижувачки чекор во односите меѓу Северна Македонија и САД. Таа кусо појасни дека неговата порака е јасна и важна.
– Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен, одговори Агелер на новинарското прашање.