Бектеши најави евтини летови Скопје – Сараево
На барање на Босна и Херцеговина, министерот за економија Крешник Бектеши ќе предложи во нашето Министерство за транспорт и врски да се разгледа можноста за евтини летови за граѓаните од Скопје до Сараево и обратно. Оваа можност министерот Бектеши ја соопшти денес откога со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, потпиша договор со кој ќе се зајакнува соработката во економијата и туризмот меѓу Македонија и Босна.
„И со министерот и со амбасадорот разговараме за привлекување туристи, се вклучи и амбасадорот имајќи ги предвид и барањата што ги има во амбасадата на Босна. Ние сме заинтересирани, јас ќе го проследам нивниот интерес до министерот за транспорт и врски имајќи ги предвид програмите кои ги реализираме во делот на субвенционирање во делот на евтини летови, а не само за да имаме и конекција меѓу Скопје и Сараево, посебно во делот на старите чаршии, а зошто да не и за друг вид на туризам“, рече министерот Бектеши.
Неговите очекувања се со договорот кој денес го потпишаа да се зголеми бројот на туристи во двете земји.
„Секогаш сме заинтересирани да се продлабочи соработката со Босна и Херцеговина. На билатералниот состанок разговаравме за продлабочување на соработката во различни сектори, а денеска тоа го формализираме и со склучување на договор во делот на соработката во економијата секако и во туризмот имајќи ги предвид, секако, потенцијалите што ги имаме и двете држави за да се зголеми бројот на туристи од нашата држава кон Босна, а секако и дека спротивното. Во делот на економската соработка многу е важно да ги формализираме работите кои се бараат од страна на стопанствениците од двете држави. Тоа дека секако е олеснување на трговијата, а преку тоа и зголемување на обемот на трговија меѓу двете држави“, рече министерот Бектеши по потпишувањето на договорот со министерот Кошарац, кој е во официјална посета на Македонија.
Досегашното искуство покажало дека за околу 30 % се зголемила трговската размена меѓу Албанија, Македонија и Србија со иницијативата „Отворен Балкан“ па Бектеши приближно толкав пораст очекува и во трговската размена со Босна и со другите држави кои би се приклучиле.
„Во делот на туристи имаме околу 9000 граѓани и од нашата држава кои ќе ја посетат Босна и од нивната страна во Северна Македонија. Во делот на процентите секако дека не може да имаме конкретни проценти, но имајќи го предвид искуството, тоа што го имаме со соседните држави со кои имаме вакви договори, а посебно со ратификување на одредени закони во склоп на ‘Отворен Балкан’, а секако и одлуки кои излегуваат од страна на берлинскиот процес, околу 30% иницијално е зголемена трговската размена меѓу Албанија Македонија и Србија, што би значело дека 30% е минималниот потенцијал што би можеле да го имаме и со Босна па и со другите држави кои би одлучиле да се вклучат во вакви иницијативи“, рече министерот Бектеши.