Свет

Зеленски по средбата со Радев: Ми кажа дека нема да ни даде оружје, не сакам да го критикувам, гостин сум

Зеленски по средбата со Радев: Ми кажа дека нема да ни даде оружје, не сакам да го критикувам, гостин сум


Со бугарскиот претседател Румен Радев не најдовме заеднички јазик за оружјето, но имавме разбирање за други теми, меѓу кои и енергетиката. Вака одговарајќи на новинарски прашања во Софија, украинскиот претседател, Володимир Зеленски ја коментираше средбата со Радев кој јасно му даде до знаење дека Бугарија нема да испрати оружје во Украина.

Прашан од новинарите како ја коментира средбата и дали ја почувствувал поделеноста кај Бугарите во поглед на ставот за војната, Зеленски рече дека тоа што воопшто се говори на оваа тема кажува многу за бугарската демократија и почитување на гледиштата.

„Со Радев, кога станува збор за оружјето имаме различни гледишта. Тој смета дека тоа би претставувало ескалација, јас сметам дека е заштита. Нема да го критикувам претседателот, а сум на гости. Ја подржувам вашата држава и вашиот избор“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател раскажа дека на средбата Радев му рекол оти не би допуштил да се намали оружјето во бугарската држава, на што Зеленски му одговорил дека ако Русија напредува, а Украина падне, бугарското оружје нема да стигне. По ова, присутните во салата во Софија го поздравија Зеленски со ракоплескање.
Прашан која е причината што допатувал во Бугарија и што сака да постигне, Зеленски рече: дефицит на оружје, време, енергетика.
За време на средбата со Радев, како што пренесоа бугарските медиуми, Зеленски го коригирал шефот на бугарската држава кој во неколку наврати наместо војна, го употребил зборот конфликт.
„Ова е војна, а не конфликт“, му рекол Зеленски на Радев.
Кога Радев му кажал на Зеленски дека нема да му излезе во пресрет со поддршка со оружје и муниција, украинскиот претседател му одговорил: „Вашата армија, што и да имате, нема да биде доволна да се борите ако Русија дојде овде… Ваше право е да не поддржувате помош за Украина. Добро е да им давате на луѓето за да се бранат да не ви дојде војната. Не дај боже да стане трагедија и да ви дојде војната, што ќе правите тогаш ако никој не ви помогне“

На почеток