Строго забранета посета кај родилките, трудниците и новороденчињата на Клиниката за Гинекологија. Ограничено е и влегувањето кај оперираните жени.
Причина за оваа реакција на менаџментот на установата е епидемијата со морбили и респираторните и вирусни инфекции овој период, а одлуката ја донесле пред десетина дена. Гинеколозите велат дека на овој начин сакаат да ги заштитат нивните пациенти кои се во ризичните групи и малите сипаници кај нив можат да доведат и до смртен исход.
-Строго е забранета посета за да ги заштитиме жените и бебињата бидејќи ако дојдат во контакт со заболен со морбили последиците можат да бидат катастрофални по здравјето и на родилките и на бебињата.
Доколку на пример во некоја амбуланта биде примена жена со мобрили веднаш потоа се преземаат сите мерки согласно протоколите за чистење на просторијата за да бидат примени други пациентки, вели др. Адела Стефанија, гинеколог на Клиника за Гинекологија.
Доктор Стефанија вели дека кај предвремено родените бебиња малите сипаници можат да бидат смртоносни а болеста е опасна и кај трудници во првото тромесечје.