Македонија

Чија е компанијата од Македонија која е ставена на „црна листа“ во САД

Американското Министерство за трговија вчера на црната листа ја стави македонската компанија Сајтрокс поради шпионски софтвер за следење.

Таа се најде на листа заедно со уште три компании од Грција, Унгарија и Ирска, кои се меѓусебно поврзани.

Телевизијата Телма објави дека управител на Сајтрокс ДООЕЛ до лани во октомври бил македонскиот државјанин Иво Малинковски, кој е син на сопственикот на Микеи и Камник.

Според телевизијата во октомври лани од влошката на Сајтрокс е избришан Малинковски (бил управител и во менаџментот на фирмата од нејзиното основање на 27. март 2017 година) и како нов управител е впишана Јеновефа Моравкова, која не е од Македонија.

По осум месеци управување, како што објави Телма и Моравкова е избришана и на нејзино име како управителка е поставена Силвиа Јастрзебска, која исто така не од земјава..

Сајтрокс е регистриран за дејност компјутерско програмирање.

-Последните финансиски резултати се од времето кога Малинковски бил управител и пријавени се негативни финансиски биланси и за 2020 и за 2021 година. Во 2020 Сајтрокс имал над 1,5 милиони евра приход (над 93 милиони денари) и забележал загуба од околу 7,5 милиони денари (околу 125 илјади евра).

Последниот извештај предаден во Централниот регистар е од преклани и во 2021 година приходот на Сајтрокс е паднат за 86%, односно имал приход од околу 200 илјади евра, а остварила уште поголема загуба од 10,2 милиони денари, односно околу 165 илјади евра, објави Телма.

Софтверот за следење на комуникациите „Предатор“ којшто беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна на компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок воен чиновник од Израел Тал Дилијан, објави во април годинава ИРЛ.

„Документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година покажуваат дека надлежните имале информации што се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонензија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји, а канадската универзитетска организација Ситизен Лаб во декември 2021 година откри дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење на граѓани“, пишува ИРЛ.

Освен македонската Сајтрокс, дел од црната листа се и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“, „Интелекса“ од Грција и „Интелекса Лимитетед“ од Ирска.

Грчкото обвинителство отвори истрага за тврдењето на новинар дека неговиот паметен телефон бил заразен од софтвер за надзор во операција на разузнавачката служба на земјата.

Според исказот на новинарот во неговиот телефон бил внесен малициозен софтвер, „Предатор“ од „Сајтрокс“.

Обвинителството ги истражуваше навосите дека овој шпионки софтвер, се продава во Грција од грчката компанија „Интелекса“.

Покрената беше парламентарна расправа, при што беше сослушан грчкиот шеф на разузнавањето, како и тврдењето дека Интелекса“ работи со разузнавачки агенции во Југоисточна Азија и Европа.

На почеток