Македонија

„Да имаше Закон за потекло на имот, комшијата на Груби ќе требаше да каже од кај му е ‘аудито’“, Антикорупционерите со врзани раце

„Да имаше Закон за потекло на имот, комшијата на Груби ќе требаше да каже од кај му е ‘аудито’“, Антикорупционерите со врзани раце

Антикорупционерите не можат да проверат како комшијата на вицепремиерот Артан Груби, го купил „аудито“ кое беше запалено. Тие посочуваат дека пет години го бараат Законот за потекло на имот, кој ако сега беше донесен, ќе можеше да се види со кои средства и на кој начин е стекнат автомобилот. Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, за „Макфакс“ посочува: „Апсолутно не можеме ништо да направиме“.

dobivaj vesti na viber

„Уште еднаш се потврдува фактот дека Закон за потекло на имот е многу неопходен. Како ние да утврдиме и што да утврдиме? Ништо не можеме да утврдиме. Ние може да утврдиме тоа што е на негово име. Тоа што не е на негово име, што можеме да му правиме? Ништо. Затоа 4-5 години го бараме тој Закон за потекло на имот за секој граѓнин. На пример, да важеше таков закон, комшијата ќе требаше да каже од кај му е ‘аудито’. Сега во случајот, од МВР кажуваат дека не е на негово име и што можеме ние да направиме? Ние правиме верификација на податоците кои ги доставуваат во анкетниот лист и ги проверуваме со тоа што имаат пријавено во институциите. Така што, апсолутно не можеме ништо да направиме“, вели Ивановска за „Макфакс“

Ивановска, прашана до каде е Законот за потекло на имот, кој сега според Антикорупциска стана т.н. закон за конфискација, рече дека тоа треба да каже вицепремиерката Славица Грковска.

„Како ќе прават конфискација ако не го испита потеклото? Штом почнавме да работиме на имотната состојба на функционерите, почнавме да кажуваме дека е потребен тој закон. Нашето е до тука“, додава Ивановска.

Таа посочи само дека Законот за потекло на имот, кој има недоследности, е во рацете на работна група во која има претставник и од Антикорупциска. Доставиле и листа од забелешки.

Според Ивановска, системот не е поставен како што треба и додава: „За некој да прави нешто, треба другиот да му дозволи. Тоа значи дека нему тоа му е дозволено и го толерираат. Зошто го толерираат, не разбирам“.

Фамозното луксузно „ауди“ беше запалено вчера, во текот на ноќта. МВР излезе со информации, но не го поврзува со Груби. Подоцна, вицепремиерот излезе со статус во кој се извини на комшиите и пријателот кој е сопственик на возилото.

Крешник Бектеши во објава на својот Фејсбук профил изрази жалење за, како што вели, обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби, а во врска со палењето на автомобил на негов сосед за кој медиуми шпекулираат дека всушност е на Груби.

Макфакс

На почеток