ВМРО-ДПМНЕ со непроменет став за уставните измени, на СДСМ и ДУИ им фалат осум пратеници за да ги вметнат Бугарите и со тоа да ја исполнат обврската кон ЕУ. Се помалку денови остануваат до првата пленарна седница за отворање на Уставот. По комисиската расправа, процесот се преселува на пленарна седница. Веќе е извесно дека според најавите од собранискиот спикер, Талат Џафери, ако нема мнозинство седницата ќе се одложи додека не се створат услови за гласање.
Во петок (18 август) Собранието треба прво да гласа за дневниот ред. Тој се носи со 61 гласови на пратеник „за“. Следува претрес односно дебата која може да трае до десет дена. Во овој период пратениците имаат право да излезат на говорница и да говорат по 20 минути, а координаторите по 30 минути. Истото можат да го прават и по повеќе пати во текот на десетте дена.
Отворањето на Уставот за измени се носи со двотретинско мнозинство, односно за тоа треба да гласаат 80 пратеници. Без овој број на гласови, постапката не може да продолжи.
Уставните измени се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот при набројувањето на деловите од народите во земјата. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ, се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египетскиот народ.
Владата смета дека пред граѓаните и пред државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година.
Уставните измени со вклучување на бугарскиот народ се обврска што беше преземена од Македонија за продолжување на преговорите со Европската Унија.
Макфакс