Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари работна средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, по што во кругот на МВР беше предадена вредна донација од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, реализирана во рамките на проектот „Помош на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје (МЛО)“, наменета за Секторот за оружје при МВР.
Целта на овој проект е да се обезбеди поддршка на институциите за спроведување на законот во развивање деполитизирани, професионални капацитети, со способност за справување со транснационални закани и организиран криминал, во согласност со меѓународните демократски начела и стандарди за човекови права.
Истакнувајќи го значењето, кое за Република Северна Македонија го има проектот „Помош на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“, министерот Спасовски рече: „Ризикот од пролиферација на оружјето во современиот свет, каде што организираниот криминал ги има надминато националните граници, преставува еден од најголемите безбедносни предизвици не само за нашата држава на локално ниво туку овој проблем преставува сериозен глобален предизвик во напорите за зачувување и зголемување на светската безбедност. Токму затоа денешната донација на возила во вредност од 50 илјади евра, наменети за Секторот за оружје, е само уште еден сегмент од овој значаен проект за нас и таа ќе биде од огромна важност за функционирањето и подобрувањето на условите и капацитетите и зацврстување на системот на безбедност на национално ниво справувајќи се со ризиците од пролиферација на оружјето, особено преку воспоставување одржливи механизми за уништување и деактивирање на малото и лесно оружје“, рече Спасовски заблагодарувајќи се на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за денешната донација и за досегашната успешна соработка и партнерство во градењето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи во борбата против злоупотребата и недозволената трговија на мало и лесно оружје.
Од страна на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, беше потенцирано дека донацијата е еден чекор напред во заедничкиот пат на МВР и ОБСЕ.
„Како дел од конкретната посветеност на ОБСЕ за поддршка на земјата во овој потфат, со задоволство ги предавам овие возила денес. Потребите од покомплексни теренски инспекции на објектите за деактивирање, како и проверката на деактивираното огнено оружје во целата земја, налагаат соодветни алатки за работата. Со нетрпение очекувам да ги видам овие возила во акција додека се стремиме да воспоставиме одржливи механизми за уништување и деактивирање на МЛО во Северна Македонија и да ја направиме побезбедно место за сите граѓани“, истакна амбасадорот Вал.
Макфакс