„Задоволство е секогаш да се биде дел од проекти што се реализираат какви што се тука во општина Бутел. Му честитам на Дарко, на дел од советниците во Општината. Исто така, им честитам и на луѓето што се дел од администрацијата во Општина Бутел и кои работат макотрпно заедно со градоначалникот, буквално да кажеме, од ништо да направат нешто“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Самиот градоначалник рече дека имаат големи опструкции од страна на централната Влада, Владата на ДУИ – СДСМ или СДСМ – ДУИ, како ви е полесно. Зошто тоа го прават? Затоа што народот овде во општина Бутел даде, би рекол, недвосмислена поддршка во 2021 година на локалните избори за Дарко и за ВМРО-ДПМНЕ. И сега тие со тоа што не ја поддржуваат Општината ги казнуваат сопствените граѓани.
Но, добрата вест е тоа што за неколку месеци од денеска ќе имаме Влада од ВМРО-ДПМНЕ, која има намера преку проектот, а тоа е 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините во Македонија, без разлика дали се тоа општини на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијансата на Албанците, Беса или се независни градоначалници, да помага и да реализира проекти. Бидејќи на тој начин се подобруваат условите за живеење на сите граѓани“, изјави Мицкоски.
„Владата треба да биде Влада на сите граѓани, а не само на оние што ја гласаат и не само за себе преку криминалните тендери што ги крадат местејќи ги во четири очи.
Уште еднаш сум среќен, задоволен и почестен секогаш да бидам дел од проектите што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги реализираат. Му честитам на Дарко уште еднаш, на советниците во Општина Бутел, на администрацијата, за сето тоа што го прават тука. Знам дека ќе продолжат со исто темпо, а веќе со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го засилиме и ќе направиме и работи што не сме ги ветувале за време на кампањата на локалните избори во 2021 година“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Макфакс