Премиерот Димитар Ковачевски во рамките на третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ) оствари средба со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан.
На средбата, на која присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, во фокус на разговорите беа евроинтегративните процеси на Северна Македонија и важноста од претстојниот процес на усвојување на уставните измени.
Беше истакнато дека Северна Македонија треба да ја препознае важноста на историскиот момент пред кој се наоѓа и неопходноста да се направи исчекор во евроинтеграцискиот процес, кој за граѓаните ќе обезбеди сигурна европска иднина.
Поддршката на Европската Унија за Северна Македонија е резултат на силната посветеност што Владата континуирано ја покажува во спроведување на реформските процеси, а процесот на преговори со ЕУ позитивно ќе влијае и на севкупниот бизнис-амбиент.
На средбата беше нотирано дека процесот на интеграција значи и темелни промени, усогласување на институционалните, економските и правните рамки со законите, регулативите, стандардите и со политиките на ЕУ. Тоа ќе овозможи раст на БДП, намалување на невработеноста, пристап до пазарот на ЕУ, кој опфаќа над половина милијарда граѓани во економија со домашен бруто-производ (БДП) од речиси 13 трилиони евра, раст на странските директни инвестиции, раст на минималната и просечната плата, како и зајакнување на политичката стабилност, безбедност и општото меѓународно позиционирање.
Макфакс