Општина Аеродром, во соработка со Федерацијата на училишниот спорт и Сојузот на училишниот спорт, вчера беше организатор и домаќин на Националното државно првенство во пливање за учениците од основните и средните училишта во цела Македонија.
На првенството, кое се одржа на базенот во општина Аеродром, учество зедоа 140 млади таленти од целата држава, а учениците од Аеродром освоија 4 златни, 4 сребрени и 6 бронзени медали.
Градоначалникот Муцунски на својата фејсбук-страница потенцира дека преку подигнување на квалитетот на образованието Општина Аеродром создава нови таленти, а преку промоција и унапредување на спортот овозможува услови за правилен психофизички развој кај младите.
„На овој начин продолжуваме со остварувањето на нашата цел за Аеродром да биде општина што ќе овозможи соодветни услови во образованието, нови содржини, кои го јакнат натпреварувачкиот дух кај младите и го промовираат спортот како најдобар начин за правилен психофизички развој“, истакнуваат во соопштението.
Макфакс