Со воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски го отвори третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ во организација на Министерството за финансии.
На конференцијата свои официјални обраќања имаа и министерот за финансии Фатмир Бесими како и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
„Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија.
Членството во Европската Унија зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од взаемна корист и за едната и за другата страна.
Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со бројни предизвици. Глобалните случувања изминативе години кои го променија светот во целост, имаа големо влијание и врз економиите на земјите од регионот. Европската Унија за земјите од Западен Балкан даде вистинска шанса да се интегрираме во Унијата.
Особено е важен најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форум во Братислава во мај годинава, ја промовираше заедничката цел на забрзување на процесот на евроинтеграции. Овој план ни отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата“, рече премиерот Ковачевски.
„Гледајќи низ објективни показатели, Северна Македонија во последните неколку години, со отворената европска политика на оваа Влада, ја одржува економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш.
Нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Ќе направам неколку споредби, со членството на Северна Македонија во НАТО, каде овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар. Стапката на невработеност за разлика од 2016 кога беше речиси 24%, денес е намалена на 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.
Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.
Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, изнесуваат 2 милијарди евра. Ако во тоа време изнесувале 600 милиони евра, денес само во една година новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.
За споредба, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.
За прв пат донесовме и системско решение за раст на пензиите. Просечната пензија е зголемена за 40%, во однос на тоа што беше во 2016 година, просечната пензија изнесуваше околу 13.700 денари, а денес во 2023 година таа изнесува над 19.000 денари и ќе следи ново покачување од 6% овој месец.
Нашите пензионери се вградиле во оваа држава и заслужуваат достоинствен и пристоен живот и тоа на уште повисоко ниво со блиското членство на нашата држава доколку се донесе потребните одлуки во собранието.
Макфакс