„Хаосот што е присутен во државата се префрлува како хаос во основното образование. Бирото за развој на образованието со новата концепција врши грубо кршење на Законот за основното образование создавајќи проблеми, хаос и состојба во основното образование, од кое најмногу се засегнати наставниците, учениците, родителите, директорите и ние како локална самоуправа, која има обврски и права преземени со самата децентрализација, што не би ја коментирал. Но, кршејќи ги законите, и оваа децентрализација се условува од страна на Бирото за развој на образование“, истакна градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Јорданов додаде дека од неколку аспекти е спорен моментот што Бирото за развој на образованието достави насока, концепција, со која се задолжуваат, односно се информираат директорите на основните училишта од прво до шесто одделение, да спроведат нова концепција и нова наставна програма. Најпрво, спорното е тоа што известувањето не е доставено до самите училишта, до основачот на овие училишта, односно до Општината, туку е доставено известувањето до веб-страницата без соодветен потпис и печат од страна на директорот и самата институција. И тоа значи дека тој допис, известување – решение, секој може да си го толкува на свој начин и, всушност, новата концепција не се применува во општина Тетово. Тоа значи дека предвидената концепција не се спроведува секаде во Република Македонија.
„Тоа што се случува хаос во сите институции се пресликува сега и кај младите генерации од прво до шесто одделение. Не бадијала рекле граѓаните: ‘Ако сакате да уништите една држава, уништете го образованието’. Впрочем, тоа ни се случува сега во државата, со ваквите измислени, избрзани концепти, кои ќе остават штетни последици врз самата настава доколку не се промени нешто. Ова може да создаде проблеми и кај наставниот кадар и во самото функционирање на училиштата“, рече градоначалникот на општина Штип.
Тој нагласи дека друго нешто што е спорно со ова известување е тоа што училиштата доставуваат наставна програма до општината, која се усвојува до 31 август и која со новата концепција е доведена во прашање. Односно, програмата треба да биде целосно изместена во пресрет на почетокот на учебната година. И ова е спротивно на Законот за основното образование.
„Не знам од каде директорот на Бирото за развој на образованието си дава право грубо да крши закони, кои и, дефинитивно, не се почитуваат. Па, така, со измислената концепција исто така фискално се имплицира во работењето на општините и во функционирањето на училиштата затоа што сето она што се наложува ќе предизвика фискална импликација, односно ние располагаме со ограничен износ на средства што ги добиваме како блок-дотации наменети за образование. А со новата концепција доаѓа до фискална импликација и до зголемување на потребата од финансиски средства“, појасни Јорданов.
Јорданов укажа дека проблем е тоа што новата концепција создава дискриминација кај наставниот кадар. Односно, не е предвидено и не е прецизирано платата, работните часови, да бидат според учинок. Односно, според новата концепција, и наставниците што имаат помал број часови и наставниците што имаат поголем број часови ќе земаат иста плата. Градоначалникот прашува која е тогаш мотивацијата и кој е начинот на кој ќе се распределуваат часовите доколку сите земаат иста плата.
„Ова се само неколку работи што се спорни и кои исто така ќе бидат доставени до МОН за да има можност да се коригира нешто во насоките што се дадени, како и во решенијата што се дадени од страна на Бирото за развој на образованието“, порача Јорданов.
„Со новата концепција не е предвидено учениците да учат од учебници, она што е дефинирано во Законот за основното образование, туку буквално кажано е оставено на наставниците и на учениците да учат кој како ќе се снајде. Зарем неспособноста на државата навреме да набави учебници се амнестира со една ваква концепција, во која учебниците не се задолжителни и не се основен материјал за стекнување на образованиот процес“, запраша градоначалникот на општина Штип.
Тој рече дека Општина Штип заедно со директорите на основните училишта ќе бараат од МОН да се произнесе и да даде образложение за насоките за планирање, организирање и реализација на наставата од прво до шесто одделение за учебната 2023/2024 година.
Макфакс