Со Груевски започнува тестот за измените на Кривичниот законик – се суди „Титаник“, а експремиерот треба да биде ослободен за едно дело
Рочиштата за 14 судски предмети кои ги отвори СЈО, но и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, може да донесат слобода за дел од обвинетите за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување. Тестот на измените на Кривичниот законик ќе започне со предметот „Титаник“ каде се судат изборни нерегуларности. Таму обвинет е и експремиерот Никола Груевски.
Судијата по службена должност може да констатира застареност, а со тоа, Груевски да биде ослободен од понатамошно гонење за ова дело. Информација, може да достави обвинителот кој го води случајот, по која судот ќе треба да постапи. Со запирање на постпаката, Груевски ќе добие право да биде обештетен и државата да му ги плати трошоците.
Овој случај е прв, но не и единствен. Дел од останатите се и: ТНТ, Талир, Талир 2, Трезор, Тарифа, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет/Тврдина, предмет за Стевчо Јакимовски.
Дел од пратениците со измените на Кривичниот законик изгласаа за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, каде досега казната беше најмалку три години затвор, сега да биде од една до 4 години затвор. Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан. Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.
Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.