Македонија

Ковачевски вети помош за 800 вработени во „Еуроникел“ во Кавадарци, онолку колку што Владата е можно да помогне

Ковачевски вети помош за 800 вработени во „Еуроникел“ во Кавадарци, онолку колку што Владата е можно да помогне

Со Синдикатот на фабриката „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“ за спас на работните места на околу 800 вработени, откако минатиот месец сопре производството, ќе преговара вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи. Тој вчера имаше средба со претставници од Синдикатот на фабриката, а премиерот Димитар Ковачевски попладнево одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе им се обезбеди струја за неколку дена за да не ја изгаснат печката, рече дека Владата ќе помогне онолку колку што е во нејзина надлежност оти се работи за приватна компанија.

„Владата го определи вицепремиерот Битиќи да има состанок со Синдикатот. Тие исто така, колку што знам, имале состанок и со доверителите на компанијата која што е во приватна сопственост.  Она што е законска надлежност на Владата, бидејќи се работи за приватна компанија, што е можно ќе биде направено. Ние даваме поддршка за преструктурирање на компанијата меѓутоа сепак клучниот збор го имаат приватните сопственици на фабриката и пред се доверителите. Тука пред се мислам на банките кои имаат побарувања, а компанијата има обврски во однос на нив. Се она што можеме ние да го направиме како Влада и како ресорни министерства ќе го направиме со цел да може да се обезбеди предвидлива иднина за вработените во оваа фабрика“, рече премиерот Ковачевски.

Сегашниот сопственик на фабриката, швајцарскиот фонд ГСОЛ, беше избран токму со поддршка на Владата и под водство на поранешниот вицепремиер за економија Кочо Анѓушев. Тој менувањето на сопственоста на поранешно „Фени“ го претстави како успешна приказна оти низ активен стечај, додека траеше судската постапка се бараше новиот сопственик, а вработените не останаа без работните места.

Вработените во „Еуроникел“ почнаа да стравуваат за работните места лани кога почна да поскапува струјата, а менаџментот прво го намали па целосно го сопре производството, ги намали платите, а од минатиот месец печката ја остави да работи на одржлив минимум.

На почеток