Скопје

(Видео) Ечи „чик погоди шта има за вечеру, буџав лебац“ – преплавени улиците на Скопје од незадоволни вработени

Незадоволни вработени во јавниот сектор ги преплавија скопските улици. Со српската песна чиј текст гласи: „Чик погоди шта има за вечеру, буџав лебац“, поминаа и низ „Рекорд“. Си ги бараат заслужените плати кои треба да ги добиваат, а дел од нив и додатоците кои им следуваат согласно колективните договори.

Ги исврикаа институциите, порачувајќи им на политичарите дека како што за нив има покачувања од 78% на платите, така и за вработените во јавниот сектор треба да има достоинствени плати.

„Бараме плати за достоинствен живот“, стои на транспарентот кој го предводи протестот, додека на друг се додава:„Европски плати“ со кои се испраќа пораката дека очекуваат покачувања.

Каков повик упатија

Вработените во судската и обвинителската служба, во Фондот за здравство и Канцеларијата на Народниот правобранител ги повикаа пратениците од сите политички партии, кои дебатираат за буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.

„Вицепремиерот Битиќи ја даде најсрамната изјава за медиумите во историјата. Ги обвини вработените дека тие се виновни за незавршени предмети во судство и обвинителство. Го повикувам Фатмир Битиќи да дојде овде и да праша кој од овие вработени има 37.876 денари плата“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Гласно е и здравството

Платите да се покачат за 30% е главното барање на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) кои протестираа пред Министерството за здравство. Пред Владата ќе се појават на 2 декември доколку во меѓувреме не бидат повикани на средба во Министерството за здравство.

„Се собравме тука за да се слушне гласот на здравствените работници за поголема плата од 30 отсто, за менување на Колективниот договор, за покачување на ефективниот додаток, за бенифициран стаж за вработените – радиолошки технолози, радиолози, вработени во рендген институтите, докторите и медицинските сестри“, рече националниот координатор на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски.

Тренчевска за протестите: Да бидеме реални, платите некаде се зголемени и за 100 отсто

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска кажа дека протести на улица може да се видат во земја каде што владее демократијата, за разлика од порано кога никој не смееше да протестира, одговарајќи на новинарско прашање за протестите на УПОЗ.

„Легитимно е да се протестира, меѓутоа е легитимно и да се информира јавноста, дека е потпишан новиот општ колективен договор каде што и УПОЗ се членки во Сојузот на синдикатите. Со новиот договор платите во септември на сите вработени во јавниот сектор ги зголемивме за 10 отсто. Предвидено е и зголемување на платите во септември 2024 и од март 2025 да може да се воспостави новата методологија, со коефициенти помножени по просечна плата. Тоа е договорот кој што после 16 години го склучивме со Сојузот на синдикати и се договоривме дека тоа ќе биде методологијата за раст на платите“, вели Тренчевска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Скопје1 / Skopje1 (@skopje1mk)

На почеток