Македонија

Први детали за потрагата по Вања од МВР: Земени снимки од 50 локации, има податоци од уредите кои се од корист

Снимки од преку 50 локации каде имало безбедносни камери се земени и прегледани, се проверувало во подруми и манастири, земени се компјутери и телефони од семејството – со цел да се пронајде исчезнатата Вања Ѓорчевска која петти ден ја нема. За ова информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој посочи дека детални информации не можат да се дадат, освен што се презема за нејзино пронаоѓање.

„Ова е најважниот приоритет за секторот за внатрешни работи Скопје. Има посебен штаб кој е формиран, работи со семејството, соученици, пријатели. Вклучени се стотина полициски службеници кои работат на оваа проблематика. Помогнати се од началниците. Преземаме опсежни мерки, незборувајќи за детали од тоа што се вади како податок, искористување на сите можни капацитети за јавната безбедност што значат подигнување на камери – преку 50 места каде имало камери се преземени и прегледани, целосно е во функција „Безбеден град“, информациите од Телеком се важни, десетици и десетици лица се сослушани за да се добијат информации, преземени се електронски уреди од семејството и девојчето. Имаме одредени податоци од овие уреди кои можат да бидат од корист на истрагата и постапката, сме во комуникација или работиме заедно со родителите. Овој тим работи до доцна во ноќта“, вели Спасовски.

Тој додаде дека се правело и пребарување.

„Се пребаруваше речното корито на Вардар, се пребаруваа подрумски простории, не само во околината туку пошироко, се добиваа информации од цркви и манастири во близина на Скопје. Тука нема да се застане, интензивно работиме.

За лажните вести кои се објавуваат од профили на „Фејсбук“, се детектираат.

„Се викаат во полициски станица, каде ќе се утврди дека се штети на истрагата, ќе има мерки“, додаде Спасовски.

Тој алармираше дека ова не е тема за забава.

На почеток