Македонија

Анкетната Комисија за Онкологија без епилог: Се формираа помпезно, собраа дневници и по некој политички поен

Формирај комисија, за да не се заврши работата, оваа изјава на Черчил кај нас се докажала многу пати во пракса, а е актуелна и во последниот случај. Помпезно, на барање на опозицијата се формираше Анкетанта комисија за скандалот на Онкологија. Повикаа и во својство на истражители сослушуваа сведоци, актуелни и поранешни министри, директори, лекари, медицински сестри, обвинители, експерти, пациенти. И сето тоа траеше два месеци, во кои пратениците од Комисијата, беа ажурни во кеширање на нивното учество во работата. Никој од пратениците не ни помисли да се откаже од дневниците за добробит на некој пациентите. Дека залудно се потрошени пари покажуваа и прекувремените часови за собраниската служба.

Рокот за заокружување на работата на Анкетната коисија е 3.Декември, но денес е последниот работен ден, а на сајтот на Собранието не е закажана седница. Комисијата дури побара, а од Собранието доби одобрување за продолжување на работата, но и во тој рок епилог нема. Власта и опозицијата не најдоа заеднички јазик за политичка одговорност.

Атмосферата кулминираше кога претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи, пред една недела прочита заклучоци кои не беа на гласање пред Комисијата и во кои заклучи дека се прекршени 37 закони со што се создал „здравствен башибозук“. Таа информираше дека Анкетната комисија утврдила политичка одговорност кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, екс директорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова, како и поранешните директори на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Од тогаш нема седница на Комисијата. Остана нејасно каква политичка одговорност може да имаат личнсти кои не се носители на политичка или јавна функција.

Од друга страна, пратениците на власта, не видоа ништо спорно кај сите сослушани лица, меѓу кои политичари. Тие излегоа со некакви заклучоци за да се подобрел системот, а на Онкологија да не се краделе лекови.

Поради дијаметрално спротивставените ставови, Комисијата, освен загубеното време, дополнтелната вознемиреност на јавноста, пациентите и нивните најблиски, не ја заврши работата за која беше формирана.

На почеток