Македонија

Маричиќ – Фајон: Северна Македонија и Словенија го зацврстуваат пријателството со потпишувањето на договорите за долгорочна и стратешка соработка

Маричиќ – Фајон: Северна Македонија и Словенија го зацврстуваат пријателството со потпишувањето на договорите за долгорочна и стратешка соработка

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа важна Билатерална средба и потпишувањето на Меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023–2024 година меѓу вицепремиерот за европски прашања на Република Северна Македонија Маричиќ во име на Владата и вицепремиерот и министер за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон во име на словенечката влада.

На прес-конференцијата одржана по повод потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија Вицепремиерот Маричиќ истакна дека државите прават уште еден голем чекор напред во зацврстувањето на традиционалното пријателство и взаемната поддршка која ја негуваме со целосно внимание од осамостојувањето на нашите двете земји.

„Односите меѓу Северна Македонија и Словенија се изградени на солидните темели на взаемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу нашите народи.

Нашето пријателство го зацврстивме со договори за долгорочна и стратешка соработка, каков што е Договорот за развојна соработка од 2004 година.

Вицепремиеот рече дека меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023–2024 година предвидува околу два милиони и сто илјади евра (2.079.889 евра). словенечки средства за развој, коишто ќе ни бидат ставени на располагање за финансирање проекти на пет инфраструктурни проекти во пет општини во нашата земја.

„Владата на Словенија со 1.3 милиони евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување на отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро.Со 225.000 евра пак, ќе ја поддржи изградбата на хидроцентрала Б на браната Кнежево во општина Кратово, а чиј вкупен буџет изнесува 450.000 евра. Граѓаните на Словенија со 224 илјади евра ќе ја помогнат изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани, додека вкупниот буџет на овој проект изнесува 448 илјади евра.

Со развојни средства во износ од 100.000 евра Словенија ќе го ко-финансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип.

Петтиот проект опфатен со овој меморандум е инвестицијата за поставување соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 102.982 евра, во кој Република Словенија учествува со 51.500 евра.

Станува збор за проекти што ќе им донесат сериозни директни придобивки на граѓаните на овие пет македонски општини, но и на целата држава.

Дотолку повеќе, добрите искуства во подготовката и евалуацијата на проектите ќе се пренесат и во наредниот циклус. Уште на почетокот на 2024 година ќе започнеме со координација на нови проекти за следниот Меморандум за разбирање 2025-2026 година.“

Секретаријатот за европски прашања дополнително ќе ја интензивира соработката со Амбасадата на Република Словенија во дефинирањето на приоритетните активности кои произлегуваат од нашата агенда која пак, е тесно поврзана со приоритетите за усогласување со стандардите на Европската Унија – додаде Маричиќ.

На почеток