Македонија

(Видео) Боки 13 за „Меѓународен сојуз“: Барам фер судење, милост не барам

Бојан Јовановски-Боки 13 е дециден дека во случајот „Меѓународен сојуз“ не измамил никого, дека тоа го потврдиле и лицата кои имаат статус на оштетени, а укажа и дека бил предвремено осуден од судијката Софче Гаврилова-Ефремова која сама кажала дека барала изземање поради тоа што имала формирано мислење за обвинетиот. Тој побара да му се суди одново за овој случај, но пред непристрасен суд. Укажа и: „Милост не барам“.

„Причините се повеќе од јасни, не постојат елементи за сторено кривично дело. Тоа што го бараме е фер судење, за да се докаже пред првиот степен на суд, мојата невистност во случајот. Доколку овој совет смета, може да донесе мериторна ослободувачка пресуда бидејќи нема елементи за сторено кривично дело кое ми се става на товар“, потенцираше тој.

Ги потенцираше исказите на бизнисмените кои во судница посочиле дека не се чувствуваат за измамени.

„Самите оштетени кажаа дека не се чувствуваат за измамени на главна расправа пред Кривичен суд. Не се оштетени бидејќи немало умисла да бидат измамени или некој пак ги одржувал во заблуда. Пред се зборувам за мене, бидејќи целиот товар се става на мојот грб“, кажа Боки 13.

Целата постапка, според него, водена е на нефер начин.

„Барам фер судење, милост не. Самиот судија на првото рочиште за главна расправа кажа дека барала сама да биде изземена од претседателот на Кривичен суд, бидејќи имала формирано миселње, бидејќи беше втор судија во познатиот случај ‘Рекет’. Тоа е трајна повреда на начелото на фер судење и непристрасен суд, кое е загарантирано право. Затоа побаравме тоа да се цени како околност. Бев превремено осуден, бидејќи во многу наврати и на многу рочишта беше истакнато од судијката дека нејзините одлуки ќе можеме да ги обжалиме пред повисоките судови. Тоа денес се случи. Беше прејудицирана таква пресуда и се знаеше тоа од првиот момент. Се надевам дека правдата ќе биде задоволена, а пред непристрасен суд да ја докажам мојата невиност. Милост не барам“, додаде Боки 13.

Случајот „Меѓународен сојуз“ е во фаза на одлучување во Апелација. Боки 13 е правосилно осуден за случајот „Рекет“.

На почеток