Зар може да се верува на сведок кој собирал податоци злоупотребени за трговија со луѓе?, aдвокат ја оспори пензионерката-милионерка од Меѓународен сојуз
Стеван Павлески, адвокат на обвинетата Јасна Ерцеговиќ во случајот „Меѓународен сојуз“, побара ослободителна пресуда. Тој анализираше неколку сегменти од пресудата на Кривичен, а особено го оспори сведочењето на пензионерка Лилјана Тодоровска на чија сметка пристигнале 720 илјади евра од ГП Пелистер на Силјан Мицевски. Павлески посочи дека пензионерката плачела во судница, а сега таа е компромитирана во друг случај.
„Таа собирала податоци од пензионери во Гази Баба. Тие податоци кои ги собирала Тодоровска биле злоупотребувани и давани кај мајка-фирма во странство, за потоа да бидат злоупотребувани за трговија со луѓе. Ова не е моја информација, туку од Обединетите нации. Кога ваква личност се наоѓа пред судот, зар можете да и поклоните беспрекорна доверба? За жал, тоа го прави првостепениот суд“, кажа Павлески.
За исказите на бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, адвокатот на Ерцеговиќ, рече дека се неубедливи, конфузни и противречни.
„Силјан Мицевски бил иницијаторот на средбите со Бојан Јовановски. Тој го пофали Јовановски. Мицевски стапува во контакти сам, не на барање на Јасна или Бојан, со функционери за реализација на проетктот ‘Евроспки центар за возрасни лица’. И со општинските власти, таму е проблемот, тие не дозволија да се реализира овој проект и се случи т.н. измама. Мицевски сам можел да проверува факти, има служби. Кога ова постои, не може да станува збор за заблуда, туку правен спор кој се решава во граѓанска постапка“, кажа адвокатот.
Се осврна и на исказот од Ардијан Амзовски.
„Ардијан Амзовски тој беше трет сведок. Тој на еден криминален начин по склучувањето на договорот на Бојан Јовановски му дава 350.000 евра под маса. И сега на тој човек таа личност му поклонувате беспрекорна доверба, а тој човек како Мицевски, железни опинци облекол да се реализира проектот, па крив е Јасна или Бојан. Тука нема измама. Околу казната, на Јасна Ерцеговиќ, изречена и е казна од 2 години и 6 месеци. Нема образложение ни за високата казна за Јасна. Сметам дека има услови да ја преиначите првостепената пресуда и да донесете ослободителна пресуда за Јасна, бидејќи нема елементи за кривично дело измама, а кога нема измама нема ниту перење пари. Судот многу погрешил“, додаде адвокатот Павлески.
Апелација, по оваа јавна расправа, треба да донесе правосилна пресуда.