Македонија

Туфекџиќ за Меѓународен сојуз: Никаде во пресудата нема да го најдете она што е важно, суштествено

Доказите и изречената пресуда говорат за различни факти. Ова се елаборираше на денешната јавна седница за случајот „Меѓународен сојуз“. Обвинението според кое Бојан Јовановски-Боки 13 со помош на Фросина Ременски, која е ослободена од вина, влијаел на бизнисмени за тие да вложуваат во проекти на невладината организација е неиздржано, сметаат адвокатите. Адвокатот Владимир Туфегџиќ потенцираше дека најсуштествениот елемент на обвинението е и најнеобразложен.

„Никаде во пресудата нема да го најдете она што е важно, суштествено. Нема доволно образложение за учество на лицата од политиката, како што се Фросина Ташевска-Ременски и Александар Кирацовски… И сега се поставува прашањето каква оценка направил првостепениот суд на доказите, за да најде само кај Бојан Јовановски дека се остварува законското битие на кривичните дела. Тој дел не се елаборира. Само е споменат. Сметам дека не е издржана првостепената пресуда. Доколку внимателно и хронолошки го прочитате објаснувањето, во смисла на тоа каде се најдени доказите на штета на обвинетиот, самите ќе изведете заклучок дека првостепениот суд направил компилација и една емпириска оценка, без стварна оценка на доказите, само со цел да се поткрепи веќе поднесениот обвинителен акт“, кажа адвокатот Туфегџиќ.

Бојан Јовановски-Боки 13 кажа дека судијката Софче Гаврилова-Ефремова била контрадикторна бидејќи со доказите кои ги искористила за ослободување на Ременски, него го осудила.

„Обвинетата Фросина Ременски која е ослободена од пресуда, мораме да кажеме дека изведуваше на рочиште за главна расправа докази кои идеа во поткрепа на ова што го зборувам јас. Презентираше и владини проекти кои предвидуваат изградба на старечки објекти. Имавме изведба на овој доказ од Ременски, која стоеше зад тоа дека не постои и кривични дело“, рече Јовановски-Боки 13.

Претседателот на судечкиот совет на Апелација, Зоран Димитриевски го праша: „Дали доказите се ценети контрадикторно, за вас да ве осудат, а за Ременски да ја ослободат?“, на што, Јовановски-Боки 13 одговори: „Да, така е“.

„Обвинителството вели дека Ременски и Кирацоски помогнале да се стекне впечаток и јас да ги земам парите од наводно измамените. Епа ако е така, како нивните дејствија немаат кривично правна одговорност, а за мене има одговорност на ниво на убиец?“, праша Јовановски-Боки 13.

И пред тројцата судии, Јовановски-Боки 13 посочи: „Сакам само да имам фер судење кај непристрасен суд, за да докажам дека сум невин, бидејќи образложението не е точно утврдено. Квантитативно е голема пресудата, не е квалитативно“.

Пред судиите одново се повтори тезата дека и самите бизнисмени кажале дека не се чувствуваат измамени.

„Мицевски и самиот на записник кажа дека верувал дека ако не било моето лишување од слобода, проектот ќе беше завршен. Не требало јас да обезбедам градежно земјиште, туку по волја на Мицевски се потпиша договор за нивна локација која е опишана во договорот меѓу ГП Пелистер и Меѓународен сојуз. Не се работи за лажно прикажување на факти дека јас ќе обезбедам земјиште, бидејќи имаше платени комуналии. Требало да се пренамени од станбен објект во групен дом“, кажа Јовановски-Боки 13 и додаде: „Не е направено ништо што може да го загрози нивниот углед, чест или да влијае на нивниот имот. Сите средби со лицата биле транспарентни и јавни, јас сум имал секојдневна пријателска врска. Ако сметале дека ова е кривично дело тие сами ќе го пријавеле во институции уште порано. Немаше да се случи по моето пријавување“.

На ова се противеше вишиот обвинител Бурим Рустеми. Тој бараше од Апелација да ги одбие жалбите на обвинетите, а да ја потврди слободата за Ременски.

„Ценам дека жалбата не е основана бидејќи јасно е дека оштетените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски е оштетени, бидејќи се доведени во заблуда со дејствија на обвинетите, а правните лица се оштетени бидејќи тие ги извршуваат плаќањата. Околу тоа дали Амзовски и Мицевски биле доведени во заблуда или е граѓански однос – е во насока да го дефокусираат кривично-правниот настан и да ги потенцираат главните факти и околности, кои покажуваат дека имаме измамнички дејствија многу јасни со планирана стратегија со искористување на политичката моќ, со што оштетените се доведени во заблуда“, вели Рустеми.

Тој рече: „Измамата е очигледна“.

„Плаќањето на 720.000 евра без договор на нотар е нонсенс“, кажа Рустеми според кого фактот што договорите не се заверени на нотар говори дека била планирана измамата.

На ова доби и одговор.

„Јас само ќе дадам паралела дека истиот тој договор беше предмет на анализа пред повеќе државни институции, УФР и УФП, истиот беше предмет на договор и сите потписници бевме испитани пред јавен обвинител по истите наводи и имаше јавнообвинителска резолуција. Тезата дека намерно не е однесено на нотар за да не се открие измама е неоснована, бидејќи овој договор беше предмет пред обвинител и основен Кривичен суд. Тогаш Обвинителството можеше да утврди кривично дело. Тогаш имаше резолуција“, кажа Јовановски-Боки 13.

На почеток