Македонија

Битка за лек и во Новата година: Пехчевски не е меѓу двајцата пациенти кои примија „трикафта“

Уште двајца нови пациенти кои боледуваат од цистична фиброза добија терапија со „трикафта“, а меѓу нив, ниту овој пат не е Игор Пехчевски кој повеќе години бара лек. И во Новата година, тој ја бие старата битка. Портпаролката на Министерството за здравство, Берна Шерифовска за „Скопје1“ посочува дека пациентите се вклучуваат етапно, додека пак, Пехчевски посочува дека освен јавните изјави кои ги чита по медиумите – никој не му кажал кога ќе го прими лекот. Шерифовска посочува дека листата е направена според критериуми.

„Пациентите се вклучуваат етапно, спрема листата на евалуирани пациенти од страна на стручната комисија. Етапно се вклучуваат пациентите, ќе биде вклучен и Игор. Пациентите ќе бидат повикани, Листата е правена согласно многу критериуми“, посочува Шерифовска за „Скопје1“.

Пехчевски за „Скопје1“ вели дека сѐ уште никој му нема јавено да оди да го прими лекот.

„Немам информација ни кога ќе ја добијам првата доза, последната изјава на д-р Фуштиќ беше следната недела – а тоа е сега. Ама мене никој сѐ уште ме нема побарано“, вели Пехчевски за „Скопје1“.

Пред крајот на декември, директорката на ЈЗУ Клиника за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ, најави дека од следната недела, Пехчевски ќе добие „трикафта“.

„Нема место за стравување, сите пациенти од приоритетната листа ќе ја добијат терапијата во зависност од тежината на клиничката слика и состојбата во која се наоѓаат. Пациентот Игор Пехчевски, ако не е на листата за оваа недела, тогаш терапијата ќе ја добие во текот на јануари, односно од следната недела. Тој е пациент на Клиниката за пулмологија, не се води на Детската клиника, но комисијата, кога ја правеше листата, ја имаше предвид неговата состојба“, кажа директорката Нацева-Фуштиќ на 25 декември.

На почеток