Македонија

Домаќинствата најмногу го загадуваат воздухот, мерки има, но не и нивно спроведување

Скопје, Битола, Куманово, Тетово се најзагадени градови во Македонија, според анализите на Министерството за животна средина. Министерката Каја Шукова кажа дека најголемото загадување е од домаќинствата. Не знаеше која општина какви мерки спроведува, оти не била известена. Посочи дека како Mинистерство трошат пари на еколошки системи, замена на системи за затоплување, нови зелени површини.

„Ние цело време ги охрабруваме општините, во рамки на финансиските можности да спроведуваат мерки. Знам дека многу често помагаат со купување на инвертери. Ова е процес почнат пред 4-5 години. Имавме и поголеми капитални проекти во големите здравствени центри каде ги менуваме системите. Ќе продолжиме“, вели Шукова.

„Јас знам дека дрвата се користеле и ќе се користат. Ама да се користат на вистински начин. Да се користат суви дрва, не мокри. Да не се додаваат пластика и гуми за да имаме повеќе затоплување, а всушност го загадуваме воздухот“, додава министерката.

Се прави мапирање на општините, за да се идентификуваат загадувачите.

„Анализите покажуваат дека 45 отсто од загадувањето е од домаќинствата. Доаѓаат и од јавните институции кои не користат еколошки системи. Процесите не одат брзо. За вакви проекти мора да има документација и набавка“, додаде Шукова.

Прашана колку од општините донеле мерки за превенција од загадување, таа кажа дека немале добиено никаква информација од ниту една локална самоуправа.

„Неофицијалните информации знам дека некои општини имаат донесено краткорочни и долгорочни мерки, кои треба да ги спроведат. Знам дека сериозно ова прашање го отвораат во Советите“, рече Шукова, но не знаеше да каже колку општини го отвориле ова прашање и го решаваат преку мерки.

На почеток