Скопје

Паметни светилки, бесплатен интернет, изнајмување велосипеди и тротинети – Аеродорм најде партнер за ова

Паметните светилки, бесплатниот интернет и изнајмувањето велосипеди и тротинети, односно ветувањата и заложбите за попаметна општина стануваат реалност и тоа за прв пат во Аеродром. Општината Аеродром преку повик за јавно – приватно партнерство ја избра компанијата „Кресцент-смартсити дооел Скопје“ која во следниот период има обврска да го спроведе проектот „Смарт Аеродром“. Станува збор за конзорциум составен од успешни, домашни и меѓународни компании.

Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница донесе одлука за прифаќање на предлогот за воспоставување јавно-приватно партнерство во чии рамки целата почетна инвестиција за реализација на проектот е на товар на компанијата – партнер во проектот.

Согласно, договорот за воспоставување јавно приватно партнерство, приватната компанија има обврска да имплементира смарт (штедливо) осветлување на територијата на целата општина што сериозно ќе влијае на заштедата на средства за електрична енергија и ќе биде одговор на зачестените забелешки за постоечкиот систем за осветлување кој е застарен и нефункционален. Дополнително, се предвидува компанијата да постави информативни и комерцијални дигитални дисплеи или т.н. тотеми кои општината ќе има право да ги користи за информирање на граѓаните; да нуди ефикасни услуги за изнајмување електрични велосипеди и електрични тротинети кои ќе може да ги користат граѓаните, да постави полначи за електрични автомобили на локации во Аеродром и на да формира т.н. хотспот точки со бесплатен безжичен интернет.

„Смарт Аеродром“ е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, а се реализира за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром. Станува збор за проект за кој освен што нема да има никакви директни трошоци за негова реализација, туку и преку намалување на потрошувачката на електрична енергија, сериозно ќе ги намали трошоците и ќе оствари заштеда на средства од буџетот.

Со имплементацијата на проектот, Општина Аеродром ќе стане технолошки лидер во државата, првата високотехнолошка и паметна општина, како и вистински пример на локална самоуправа која поддржува иновации и промовира одржливост.

На почеток