Патник ненадејно починал на летот за Минхен: „Кашлаше литри крв. Сите врескаа“
На летот од Бангкок за Минхен почина маж, сведочат патниците од авионот. Германскиот државјанин, кој според првичните информации имал 63 години, бил во лоша состојба штом тој и неговата сопруга се качиле во авионот на Луфтханза во четвртокот, според очевидци.
„Човекот обилно се потел и се чинеше дека има проблеми со дишењето, но неговата сопруга му рекла на екипажот дека е подготвен за летот и всушност е само уморен затоа што морал да трча за да стигне таму“, се вели во извештаите. Мартин Мисфелдер, патник во авионот, рече дека состојбата на човекот нагло се влошила веднаш по полетувањето и тој почнал да плука крв во торба.
Тој додаде дека на несреќниот човек после тоа почнало да крвари од устата и носот.
„Тоа беше апсолутен хорор, сите врескаа“, изјави тој за швајцарскиот весник Blick. Тој тврди дека мажот искашлал „литри крв“ и дека прозорците на авионот биле испрскани, пренесува Sky News.
Стјуардесите поминале околу 30 минути обидувајќи се да го реанимираат мажот пред да биде прогласен за мртов. Авионот Ербас А380 потоа се сврте и се врати во главниот град на Тајланд откако помина само час и половина во воздух. Инаку, летот од Бангкок до Минхен трае 12 часа.
Мисфелдер изјави за Blick дека настанал „хаос“ кога авионот слетал. Според него, најлошо било да се види како сопругата на починатиот поминува низ царина и ги извршува сите формалности. Луфтханза соопшти дека сите патници биле префрлени на алтернативни летови за патување дома.
„Иако екипажот и лекарот во авионот веднаш презедоа сеопфатни мерки за прва помош, патникот почина за време на летот. Нашите мисли се со роднините на починатиот патник. Жалиме и за непријатностите што ги имаа патниците на овој лет“, заклучи авиокомпанијата.