Македонија

(Фото) Се појави Заев, до него и Спасовски, застанати до Пендаровски

По подолго време, експремиерот и експретседател на СДСМ, Зоран Заев, се појави во јавност. Во пресрет на претседателската кампања, тој застана до претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски. Доби и јавна благодарност, но не од Пендаровски, туку од министерот Љупчо Николовски кој при обраќање за браната „Конско“ ги редеше сите кои допридонеле во капиталната инвестиција. Истовремено, таму се појави и ексминистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој сега нема никаква функција. Пендаровски, во неговата објава, не спомена ниту едно од овие имиња.

„Ја поздравувам изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем Гевгелиско поле, една од најсериозните инвестиции во македонското земјоделие, но, и на енергетски план, имајќи предвид дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.

Со оваа капитална инвестиција граѓаните на Гевгелија ќе имаат редовно снабдување со квалитетна, чиста и здрава вода за пиење, а плодниот македонски југ, гевгелиското поле, ќе има можност за пристап до дополнителни сериозни количини на вода за наводнување што е предуслов за подобар принос на земјоделските култури.

Верувам дека со најголемата инвестиција во последните децении во гевгелискиот крај повторно се враќа фокусот кон земјоделието и развојот на нашиот јужен регион. Очекувам дека вакви и слични проекти ќе следат и во останатите делови од земјата каде што недостасуваат акумулации како поддршка на земјоделското производство“, напиша Стево Пендаровски на „Фејсбук“.

Настанот беше организиран од СДСМ по повод завршување на изградбата на браната.

На почеток