Скопје

(Видео) ГТЦ доби барака, а бараката донесе револт: „Го гушнаа, го задушија, душа му извадија…“

И покрај купот празни и затворени дуќани во Градскиот трговски центар (ГТЦ), нов објект никна на излезот кон кејот, во редот на сендвичарите. Потегот предизвика револт и низа реакции, бидејќи дел од граѓаните сметаат дека местото не му е таму. Но непознато е кој и зошто го поставил, како и која му е намената. „Скопје1“ побара одговори од менаџментот, но не доби. Реакција има и од Софија Куновска, поранешна пратеничка.

„Па имате ли трошка совест, знаење или одговорност? За ова треба кривична одговорност“, напиша Куновска.

Има и потсетувања дека пред десетина година, кога ГТЦ требаше да добие барокни фасади беше „гушкан“ од активисти за да се спречи акцијата.

„Го гушкаа гтц да не било барок за после 10 години да го добијат ова“, коментира корисник на „Х“.

И друг граѓанин смета дека на објектот, кој има и струја – не му е местото таму.

„ГТЦ Скопје 2024г. Го гушнаа, го задушија, душа му извадија…“, напиша тој.

Има и иронични коментари.

„Елате да го гушнеме ГТЦ, не ме оставајте сам“, напиша друг корисник на „Х“.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски не одговори на прашањата од „Скопје1“ поврзани со објектот. Го прашавме кој и зошто, но и со чија дозвола го постави, зошто имаше потреба од него и која е намената. Меѓудругото, не добивме одговор ниту што мисли за низата реакции и критики и дали по нив, објектот ќе биде отстранет.

ГТЦ – Градски трговски центар – Скопје е почнат со изградба во 1973 година. Нa конкурсот, распишан 1967 година пристигнати се 23 архитектонски решенија, меѓу кои победува решението на тимот предводен од Живко Поповски. Покрај овој голем македонски архитект, во тимот учестуваат: Тихомир Арсовски,Живко Гелевски, Димитар Димитров, Благоја Колев, Радомир Лајовиќ и Лидија Маркова.

Денеска, ГТЦ пропаѓа. Дел од подрумските простории мирисаат на измет и се полни со смет.

На почеток