Македонија

ОЈО Делчево испитува можем изборен поткуп, дали бесплатно се ставани водомери

„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија до овој момент поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес.

Од настаните кои се пријавени, во текот на вчерашниот ден во ОЈО Делчево заведен е предмет по побарани наредби од МВР за вршење увид во службена документација во ЈКП Делчево и Македонска Каменица поради сомненија за кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик. Сомневањата биле поврзани со наводно поставување водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без пари, а за поткуп при избори.

ОЈО Радовиш денеска е известено за настан во селото Бучим кога гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата го покажал на набљудувач од политичка партија. Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело од член 160 од Кривичниот законик – Повреда на слободата на определување на избирачите.

Сепак станува збор за исклучително мал број вакви настани, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања кои би содржеле елементи на кривично дело. Ваквиот тек на изборниот процес се одразува и на нашата електронска пошта [email protected] каде од утрово не се регистрирани пријави за кривични дела поврзани со изборите.

Во привремената Комисија на Јавното обвинителство за селедење евентуални изборни нерегуларности членуваат и претставници од четирите виши јавни обвинителства во државава, како и од Основното јавно обвинителство Скопје, како основно обвинителство со најголем обем на работа. Денеска во текот на денот се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а тесно се координираме и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.

Комисијата ги следи евентуалните изборни нерегуларности кои би претставувале кривични дела од Глава 16 на Кривичниот законик, односно кривични дела против изборите и гласањето, но и останатите кривични дела кои би можеле да го нарушат текот на изборниот процес. Во оваа насока својата работа ја започнавме уште на самиот старт на изборните активности, а ќе продолжиме и меѓу двата изборни круга и на денот на второто гласање, кога ќе се гласа и на претседателски и на парламентарни избори. Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, истакна јавниот обвинител Бајрами во изјава за медиумите.

На почеток