Законот донесен од 88 пратеници: Ќе се формираат и реорганизираат министерства, дебата до разденување


Министерствата ќе се реорганизираат и ќе се формираат, одлучија 88 пратеници кои гласаа „за“ предлог-законот на пратеникот Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. По дебатата која траеше до рано изутрина, собранискиот спикер Африм Гаши законското решение го стави на гласање, а против се изјаснија 22 пратеници, а немаше воздржани.
„Констатирам дека Собранието го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Бидејќи е исцрпен дневниот ред, констатирам дека втората седница на Собранието е завршена“, порача Африм Гаши.
Со законот, се зголемува бројот на министерства од 16 на 20. За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на Вреди и на паријата ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Според Предлогот, на Министерството за економија ќе му биде додаден сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема да постои и ќе има посебно министерство за спорт. Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам.
Исто така, ќе се формира и министерство за дигитализација кое ќе ги наследи обврските ба досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, а ново ќе биде и министерството за администрација.
