Свет

Путин и Ким Џонг-Ун потпишаа пакт: Се договориле како ќе постапат доколку некој ги нападне

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна синоќа во својата прва посета на Северна Кореја по 24 години, ветувајќи дека ќе ги подобри трговските и безбедносните врски со земјата и ќе ја поддржи во односите со САД. Рано утрово, по наше време, Путин и Ким Џонг-ун започнаа разговори, пренесува Интерфакс.

Руските државни медиуми објавија дека авионот со рускиот претседател слетал во Пјонгјанг околу 2 часот и 45 минути по локално време по кратко застанување на рускиот Далечен Исток.

Путин рече дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка на таа земја, објави севернокорејската државна агенција КЦНА пред неговата посета.

„Договорот за сеопфатно партнерство потпишан денеска, меѓу другото, предвидува взаемна помош во случај на агресија врз една од страните на овој договор“, рече Путин.

Путин го привлече вниманието на изјавите на Соединетите Држави и другите земји од НАТО кои се согласија да и дозволат на Украина да напаѓа цели во Русија со оружје што го испорачува Западот.

„Тоа не се само изјави, тие веќе се случуваат и сето тоа е грубо кршење на ограничувањата што западните земји ги презедоа како дел од различни меѓународни обврски“, рече Путин.

На почеток