Закажано првото судење за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Кривичен суд го закажа првото судење за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека, главната расправа за предметот со К.бр.1339/24 поврзан со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж, во согласност со странките е насрочена за 04.09.2024 година во 10:00 часот во судница 1.
Како што претходно информиравме, расправата која требаше да се одржи денеска е отповикана по предлог за одлагање од Основното јавно обвинителство кои го известија судот дека: Имајќи предвид дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки“, велат од Основен кривичен суд Скопје.