Македонија

Не му помина теоријата на Палчо дека е невин пред обвинителот: предложил сведок, кој не „пеел“ како што обвинетиот мислел

Без разлика на фактот што има сведоци и докази кои според Обвинителството без резерва докажуваат дека Љупчо Палевски-Палчо е планерот и реализаторот на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тој до последно негира вина. Палчо пред обвинителката презентирал друга теорија, се правдал дека не бил на местата каде се случиле убиствата во посочениот период, тврдел дека за тоа има и докази.

„Скопје1“ дознава дека Палевски-Палчо предложил и свој сведок, со кој се обидел да докаже дека во периодот кога Вања и Жежовски биле грабнати и убиени, тој извршувал други обврски. Па така, Палевски кажал дека долг период поминал во банка, но оваа одбрана не поминала кај јавниот обвинител. Кога на распит дошол сведокот посочен од Палевски-Палчо, истиот посочил дека тие биле заедно, но во друг временски период.

Според наши извори, Палевски во исказот пред обвинител кажал дека не го познавал обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски. Одговорил и на прашање, дали ја знае мајката на убиеното девојче, со која негирал било каква комуникација. За сѐ друго што раскажал со цел да се спаси од вина, немал никаква материјална поткрепа.

Јавноста го памети и моментот кога Палевски-Палчо го спроведуваа во суд, а каде на прашање од „Скопје1“ за тоа дали има докази дека не е сторител на убиствата, тој се насмеа. На повторено прашање, тој одговори: „да“.

Палевски делувал со обвинетите Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски. Точноста на нивните искази, обвинителот ја поткрепил со материјалните докази, меѓу кои снимки од триесетина места.

Обвинителот останува на тврдењето дека целта на грабнувањето на Вања било да се присили член на семејството да даде откуп за детето, но и дека имало комуникација помеѓу таткото Ѓорчевски и Палевски. Грабнувањето било по излегување од лифтот, па со украдениот „цитроен“ од убиениот Жежовски, била однесена на ридот кај Скопска Црна Гора. Според обвинителката планот за откупот не се реализирал бидејќи Вања се барала преку апел на социјалните мрежи, по што била убиена и закопана во дупка. Панче Жежовски, според обвинителот, бил убиен за да му се одземе возилото „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето. Тој имал претходни познанства со дел од обвинетите.

14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои тројца (Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски) признаа вина.

На почеток