Македонија

„Conti“ донесе загриженост кај вложувачите, но основачите не треба да се грижат: Досега нема истрага, оти нема оштетен

Пропаѓањето на платформата „Conti“ каде македонски граѓани вложуваа пари и чекаа исплати – донесе загриженост кај јавноста. Но истовремено, основачите на „Conti“ во Македонија, кои неофицијално се од Кавадарци – не треба да се загрижени. Засега, Обвинителството нема покренато предистрага, а по низата информации во медиумите кои укажуваат дека можат да настанат големи штети кај граѓаните. Ваква постапка, нема ниту во МВР. Заедничко за двете институции е што ќе чекаат да стигне пријава од граѓани.
Сепак, Обвинителството може да покрене предмет за „Conti“ и по допрен глас, но тоа нема да го направат. На ваков начин, досега паднале голем број криминалци, меѓу кои и познати политичари.

„До Јавното обвинителство до овој момент не е доставена пријава од оштетени граѓани или надлежен орган. Доколку биде доставена пријава од која произлегува сомнение за сторено кривично дело на територијата на државава, јавно обвинителство согласно месна надлежност ќе оформи предмет“, велат оттаму за „Скопје1“.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изрази загриженост поради наводната финансиска измама поврзана со апликацијата „Conti“, која ги погоди македонските граѓани. Иако, според неговите зборови, до утринските часови не е поднесена кривична пријава, министерот предупреди на сериозноста на ситуацијата. Тој ги повика сите граѓани кои можеби се жртви на оваа потенцијална измама да се обратат до Министерството за внатрешни работи, со цел да се истражи случајот и да се преземат соодветни мерки.

„Загрижен сум за повторувањето на ваквите пирамидални финансиски шеми кои се појавуваат во Македонија. Ова не е прв пат да се соочуваме со вакви апликации, во 2022 година имаше сличен случај и тогаш веќе беше упатен апел до граѓаните да бидат претпазливи,“ изјави Тошковски.

Пропаѓа ли пирамидалната шема Conti? Ова е главното прашање кое се дискутира во Македонија изминативе денови, а откако се појави наводен разговор на апликацијата „Телеграм“, направен во група со 14.000 членови во кој се пишува дека платформата нема да постои. Голем број Македонци учествуваа во инвестирање во Conti, чија цел беше брза заработка.

Conti претставува платформа(апликација) која на корисниците им нуди заработка преку гледање видеа. Апликацијата функционира околу една година. Но за да започнете да заработувате, прво мора да вложите. Во Македонија, луѓе вложуваа од 100 до 3.000 долари. Се заработуваат високи суми, но од вчера многу македонски граѓани се жалат дека се излажани и дека ги изгубиле парите.

Од пред неколку дена, групата на „Телеграм“ која има околу 14.000 македонски членови, почнува да згаснува, а корисниците повеќе немаат приливи на Бајненс платформата за тргување со криптовалути.

На интернет, ваквите шеми се познати како „pig butchering“. Тоа значи дека измамниците користат скрипти за да ги „здебелат“ нивните жртви, добивајќи ја нивната доверба во период од денови, недели, а понекогаш и месеци, пред да ги „заколат“, односно да ги земат нивните пари.

На почеток