Гази Баба доделува стипендии за талентирани ученици, спортисти и ученици со посебни потреби


Општина Гази Баба денес распиша Јавен повик за доделување стипендии на талентирани ученици, ученици спортисти и ученици со посебни образовни потреби за учебната 2024/2025 година.
Од општината информираат дека целта на распишаниот јавен повик е директна финансиска поддршка за најдобрите ученици.
Со јавниот повик се доделуваат 25 стипендии на талентирани ученици, 25 стипендии на ученици спортисти и 5 стипендии на ученици со посебни образовни потреби.
Износот на стипендијата е 3000 денари месечно, персоналниот данок го пресметува и плаќа општина Гази Баба.
Стипендијата се исплаќа во период од девет месеци од октомври, заклучно со јуни.
Јавниот повик е во траење од 10 дена од денот на објавување на веб страната на општина Гази Баба.
„Ги повикуваме граѓаните на општина Гази Баба да аплицираат и да ја искористат можноста за добивање на стипендија. Сите заинтересирани граѓани можат да се информираат за условите од јавниот повик на следниот линк“, велат од општината.
