Готови се извештаите за смртта на родилката во Куманово и бебето на Детска клиника, Таравари: Ако има лекарска грешка судските органи да делуваат
Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека попладне ќе излезе со извештај за случаите со починатата родилка во кумановската болница и смртта на 14-месечното бебе на Детската клиника во Скопје.
„Извештаите се речиси подготвени. Чекав извештај од професионални и компетентни педијатри за да дадат одреден заклучок за случајот со починатото бебе. Се надевам дека денеска или најдоцна во понеделник, како Министерство за здравство да имаме прес-конференција на која ќе ги кажеме сите детали од случувањата со родилката од Куманово и 14-месечното бебе“, рече тој.
Министерот информираше дека е доставен извештајот за случајот со почината родилка, а за починатото бебе очекува да го добие денеска.
„Веќе кажав, ако очекувате јас да судам, тоа не го можам. Ние не сме судски орган. Ќе излеземе со извештај, да кажеме дали има лекарска грешка, а потоа судските и истражните органи треба да делуваат“, додаде Таравари.
Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а 31-годишната родилка почина на 27 септември во Општата болница Куманово.