Македонија

(Видео) Ќе севдочи мајката на Вања: какви прашања ќе добие од таткото, раскажа неговиот адвокат Туфегџиќ

Нема причини за да се одложи судењето против обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, па во понеделник во судница се поканети тројца сведоци. Судот испрати наредба за спровод на обвинетите од затворот „Скопје“ во Шутка, како и покани до сведоците. Прва ќе сведочи Зорица Ѓорчевска, мајка на грабнатата и убиена Вања Ѓорчевска.

Мајката и таткото на Вања се разведени, а Ѓорчевска беше старател на Вања. Таа прва јавила кај таткото дека девојчето не се појавило во училиште, па потоа имало и пријава до полциијата. Ѓорчевска била постојано вклучена и во истрагата.

Во подкастот „Претрес со Ландов“, адвокатот Владимир Туфегџиќ раскажа кои одговори ќе се бараат од мајката на Вања. Посочи и дали од мајката биле земени уреди за вештачење по грабнувањето, но и за контактот меѓу таткото и мајката. Туфегџиќ беше прашан и дали можеби мајката се знае со обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.

Со враќањето на обвинетиот Боре Видевски од болница во затвор, нема повеќе причини за одлагање на рочиштата.

Обвинителот останува на тврдењето дека целта на грабнувањето на Вања било да се присили член на семејството да даде откуп за детето, но и дека имало комуникација помеѓу таткото Ѓорчевски и Палевски. Грабнувањето било по излегување од лифтот, па со украдениот „цитроен“ од убиениот Жежовски, била однесена на ридот кај Скопска Црна Гора. Според обвинителката, планот за откупот не се реализирал, бидејќи Вања се барала преку апел на социјалните мрежи, по што била убиена и закопана во дупка. Панче Жежовски, според обвинителот, бил убиен за да му се одземе возилото „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето. Тој имал претходни познанства со дел од обвинетите.

14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои тројца (Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски) признаа вина.

На почеток